Алиу: Нема повеќе вработувања со телефонски повик, лекарите ќе одат каде што има потреба од нив
Здравствениот систем треба да е како жив организам, а не хаотична збирка од установи, вели министерот Алиу. Првпат во ресорот направена анализа за состојбата на човечките ресурси. Во здравството има нешто повеќе од 32 илјади вработени. Приоритети – нови вработувања, национална стратегија, специјализации...

Веќе нема да може да се повика министерот на телефон во кое било време, да се нарача специјализација, министерот дециден, таквата практика заврши.
Министерот за здравство ги преброја вработените во здравствените установи, направи табели за да има увид каков кадар недостига. Вели, веќе нема да има специјализации по желба, туку за онаа за што има потреба, специјалисти без ангажман нема да седат туку ќе бидат распределени во здравствените установи каде што има потреба за таков кадар.
Специјалисти по гинекологија и акушерство има најмногу 344, анестезиолози 154, 37 лекари по радиотерапија и онкологија, 30 патолози, еден специјалист за детска кардиохирургија.
По триесет години, здравството нема да се реформира на слепо, не може да се планираат дежурства, листи на чекање, специјализации, интервентни тимови и здравствени услуги блиску до домот на секој граѓанин, ако не се знае точно колку луѓе работат во системот и со каква стручност, рече министерот Алиу.
Наташа Јанчиќ – Менковски
