Основен суд Струга

Три години затвор за гинекологот Асани за случајот со родилката од Дебар

21.11.2025 17:39

Гинекологот Мухамед Асани, доби максимална казна, ефективна казна затвор во траење од три години, за родилката од Дебар, на која при породување во струшката болница и беа извадени три здрави органи. Судот му изрече и забрана за работа во траење од пет години. Второобвинетиот, неговиот син Блертон Асани специјализант по гинекологија и третообвинетата лекарка Лилјана Јованоска беа ослободени од обвинение.

Максимална казна, три години ефективна затворска казна за првообвинетиот гинеколог од струшката болница, Мухамед Асани, за случајот со родилката од Дебар која при породување остана без три органи. Судот денес му изрече и дополнителна забрана за работа во траење од пет години.

Второобвинетиот специјализант неговиот син Блертон Асани и гинекологот Лилјана Јованоска беа ослободени од обвинение.

„Значи, според тоа, судот обвинетиот Мухамед Асани го прогласува за виновен и му изрекува ефективна казна затвор во траење од три години, којашто е максимална предвидена казна за ова кривично дело, а по издржување на казната затвор му изрекува споредна казна забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од 5 години“, вели Јордан Јованов судија.

Јилдаз Веапоска по четири и пол години долгиот судски процес, задоволна од казната, но смета дека вина има и неговиот син специјализант, кој присуствувал на царскиот рез.

„Овие се солзи на неправда која пет години сум по овие судски врати. Која Пет години ја чекам правдата за да едниот Мухамед Асани да добие затворска казна, а другиот, неговиот син што учел врз мене да помине многу лесно“, вели Јилдаз Веапоска родилката.

„Добивме максимална казна како што предвидува законот, тоа не е момент за славење туку покажува дека правосудниот систем во земјава се опоравува и сум бескрајно задоволен од резултатот“, вели Сашо Јанев адвокат на оштетените.

Според судот, обвинетиот Асани покрај влошената здравствена состојба на родилката после царскиот рез не направил дијагностика и ехо за настанатото крвавење што довело до хеморагичен шок, кога непотребно и биле извадени три здрави органи.

Соња Рилковска