Охрид

Планинската спасителна служба подготвена да ја дочека зимата

23.11.2025 18:00

Планинската спасителна служба при охридскиот Црвен крст во изминатите години го оправда своето постоење, спасувајќи ги животите на македонските граѓани и туристите. Во моментов таа е единствената волонтерска организација во рамките на Националниот сојуз за планинско спасување која има дваесет и четиричасовно дежурство. Од први декември со почетокот на нов проект се очекува на тој начин да функционираат и останатите волонтерски организации од земјава.

Планинската спасителна служба од Охрид подготвено ќе ја дочека зимската сезона. Тимовите за спасување се добро опремени и подготвени за интервенции во кој било период од денот или ноќта. Во текот на досегашниот дел од годината спасителната служба имаше дваесет и седум интервенции што е сериозна бројка кога се работи за Охридскиот регион.

„Очекуваме дека следната зима со сите оние поуки од претходно дека барем во делот на совесно однесување на возачите, особено на патниот правец Охрид-Отешево дека ќе биде намален бројот на интервенции, иако секако стоиме на располагање. Но, мора да апелираме дека нашите интервенции дека нашите интервенции ќе бидат насочени исклучиво на извлекување на луѓе на коишто би можеле да им бидат загрозени нивните животи“, изјави Антонио Додевски – претседател на Национален сојуз за планинско спасување.

Охридската планинската спасителна служба е единствената во земјава која има дваесет и четиричасовно дежурство, а на почетокот на декември се очекува да започне прекуграничниот проект со Албанија што ќе овозможи на сличен начин да функционираат и останатите дванаесет членки на Националниот сојуз за планинско спасување. Тој е финансиран од ИПА програмата и министерството за локална самоуправа.

„Со овој проект целта е да се прошират волонтерските капацитети, да се зголемат вештините, знаењата на волонтерите, но и да се набави дополнителна специјализирана опрема за спасување и во двете држави“, додаде Антонио Додевски – претседател на Национален сојуз за планинско спасување.

Од Планинската спасителна служба од Охрид апелираат до надлежните државни органи да имаат малку повеќе доверба во волонтерските организации, бидејќи со заеднички сили ќе имаат поголем успех во работењето.

Сашо Нелоски