Одбележување

Честитка од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука

22.11.2025 12:23

Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, во која ја истакна важноста на албанскиот јазик и неговата улога...

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, во која ја истакна важноста на албанскиот јазик и неговата улога во зајакнување на социјалната кохезија и колективниот индентитет.

 

„Почитувани сограѓани Албанци,

Со особена почит ви го честитам 22 Ноември Денот на албанската азбука, празник којшто претставува силен симбол на просветителскиот напор, културната зрелост и историскиот опит на албанскиот народ.

Пред 117 години унифицираната азбука го започна своето патување од Конгресот во Битола, како најважен комуникациски код на еден народ, за денес да се потсетиме дека јазикот и писмото се темелни вредности коишто го обликуваат колективниот идентитет и ја зајакнуваат духовната поврзаност меѓу генерациите.

Почитта кон јазикот и кон писмото на секоја заедница ја зајакнува социјалната кохезија и го сплотува македонското мултиетничко општество. Албанскиот јазик е дел од раскошниот мозаик на различностите што е влог во иднината на нашата заедничка татковина.

На овој празник изразуваме признание за вашиот континуиран придонес за развојот на образованието и културата во општествениот живот со кој се збогатува нашата заедница.

Честит нека ни е Денот на албанската азбука. Продолжуваме заеднички да ја градиме државата во духот на почит, еднаквост и единство“.