Тројца млади од југоистокот добија грантови од „Каритас“ за отворање свој бизнис

22.11.2025 14:03

Тројца млади од југоистокот добија поддршка од македонски „Каритас“ за отпочнување свој бизнис. Ова организација опфати околу 400 млади кои добија тренинг обука и поддршка. Паралелно 74 млади од струмичко аплицираа за владината мерка за самовработување …

Наташа Трајков од Струмица доби финансиската поддршка од македонски каритас за отворање свој бизнис. Таа е една од тројцата грантисти од југоистокот кои добија по пет илјади евра за да се самовработат преку проектот на оваа организација. Тврди дека младите мора да ги користат можностите за реализација на своите бизнис идеи.

Околу 400 млади од југоистокот беа вклучени во проектот „Јуор џоб“ на македонски каритас. Дел добија обуки, други нови квалификации и вештини, трети практиканство. Од оваа организација тврдат дека младите имаат потенцијал, но им треба поддршка.

Вкупно 141 жител од струмичко аплицирале на владината мерката самовработување преку отворање сопствен бизнис за што државата доделува од 7 до 10 илјади евра. Од нив 74 се млади лица до 29 години.

Во струмичко се водат околу 4.580 невработени лица пријавени во агенцијата за вработување. Од нив 1.200 се на возраст до 29 години младо работоспособно население.

Ване Трајков