Самитот Г20 во сенка на тензиите во Украина
Мирот меѓу Русија и Украина е близу-уверен американскиот претседател Трамп. Очекува Киев до четврток да го прифати мировниот предлог на САД од 28 точки за да се стави крај на војната. Путин верува оти предлогот на Вашингтон нуди добра основа за конечно мирно решение. Зеленски под притисок – од отстапки на територија до ограничување на вооружените сили и откажување на земјата од НАТО-Украина ги живее најтешките моменти во историјата, нагласува украинскиот челник. Тензиите во Украина го засенија самитот на Г20 во Јоханесбург. На маргините состанок на европските лидери за мировниот план на Трамп.

Дводневниот самит на Г20 во Јужна Африка почна во сенка на бојкотот на САД и тензиите во Украина, додека европските лидери на маргините разговараат за мировниот план на Трамп. Брисел предупредува дека тој не смее да биде во корист на Путин. Генералниот секретар на ОН потсетува дека територијалниот интегритет на Киев мора да се почитува во сите преговори.
„Критериумите за секој мировен план секогаш се темелат на вредностите на Повелбата и на меѓународното право. За нас е јасно дека секое мировно решение за Украина, мора да ги почитува и резолуциите на Генералното собрание, кои недвосмислено наведуваат дека територијалниот интегритет на Украина мора да биде почитуван“, изјави Антонио Гутереш – генерален секретар на Обединетите нации.
Европските челници се надеваат на телефонски разговор со американскиот претседател кој одби да присуствува на самитот. Трамп е уверен дека мирот меѓу Русија и Украина е близу. Смета дека Киев треба да го прифати американскиот предлог до 27 ноември. Зимата ќе биде студена, Зеленски ќе мора да побрза-предупреди шефот на Белата куќа, во спротивно најави – ќе ја ограничи помошта за земјата.
„Имаме план. Имаме начин да постигнеме мир. Тој ќе мора да го одобри. Ќе мора да му се допадне. А ако не му се допадне, тогаш, претпоставувам ќе треба само да продолжат да се борат и во одреден момент ќе мора да прифати нешто“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Зеленски нагласи дека Украина е под силен притисок и се соочува со ризик од губење на клучен партнер или достоинство. Очекува наскоро да разговара со Трамп.
„Ова е еден од најтешките моменти во нашата историја. Украина можеби ќе мора да направи исклучително тежок избор-или да го изгуби достоинството или да ризикува да изгуби клучен партнер. Или тежок план од 28 точки или исклучително сурова зима – најтешката досега – и дополнителни ризици што претстојат“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина
Путин е подготвен за преговори. Верува оти мировниот предлог на Трамп може да се искористи како основа за конечно мирно решение.
„Доколку Киев не сака да разговара за предлозите на претседателот Трамп и одбие да го стори тоа, тогаш и тие и европските военоподбуцнувачи ќе мора да сфатат дека настаните што се случија во Купјанск неизбежно ќе се повторат во други клучни области на фронтот“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.
Според американските медиуми, мировниот план на Трамп предвидува Киев да се откаже од контролата врз Донбас, а да ја задржи сопственоста и да добива кирија. Крим, Доњецк и Луганск би биле признаени како руски. Украина би ја намалила војската и би се откажала од НАТО, а Русија би се повлекла од другите територии, не би ги напаѓала соседите и би го гарантирала извозот на жито. Сите страни би добиле амнестија за дејствијата за време на војната.
Бојана Крстевски
