Македонија

Над 140 деца чекаат за градинка во Куманово

22.11.2025 17:11

Сè уште е долга листата за чекање за прием во кумановската градинка. И покрај ветувања, нема изградба на нова установа. Капацитетите се максимално искористени. Простор за проширување во објектите веќе нема.

Над 140 деца се на листата за чекање за прием во детската градинка во Куманово. Капацитетите на „Ангел Шајче“ се максимално искористени. Од предвидените 1.550 запишани се 1.820 дечиња. Но на дневно ниво исполнети се до 80 отсто од капацитетите. Сите слободни простории во изминатиот период биле искористени за проширување. И покрај најавите сè уште не започната изградбата на нова градинка. Неодамна назначената директорка, ќе се обиде со алтернативни решенија.

„Користење на постоечките маркици за градба коишто ги имаме на постоечките објекти. Секаде каде што најдовме простор а дозволува доградба тоа ќе биде искористено и употребно. Тука постојат алтернативи дали тоа ќе е цврста градба, монтажни, тоа ќе одиме се во интерес на деца, она што е најбезбедно и соодветно за згрижување на деца“, истакна Ивана Николиќ, директорка детска градинка Куманово.

Паралелно Јавното претпријатие „Куманово План“ изработува планови за реконструкција на двата најстари објекти. По подготовката, градинката ќе аплицира за средства.

Од детската установа се надеваат дека конечно ќе се најде решение и за Пионерскиот дом. Очекуваат поголем дел од просторот којшто со години е запуштен да им припадне на нив.

Во Куманово градинката функционира во осум објекти, како и два центри за ран детски развој, кои ги користат училишните деца.

Елена Георгиевска