Ставрески: Голем интерес за отпис на долговите, поднесени 17.600 барања
Станува збор за една масовна акција во која, освен Владата, се вклучија сите банки, ЕВН Македонија, Топлификација, МРТ, ЕЛЕМ енергетика, како и Комората на извршители и Комората на нотари...

Граѓаните имаат голем интерес за отпис на долговите. Заклучно со денешниот ден до центрите за социјални работи се доставени 17.600 барања од граѓаните од социјално ранливи категории. Бараат отпис на долгови кон банките, за струја, парно и радио дифузна такса.
„Имаме висок степен на интерес на граѓаните за овој проект и очекуваме до 12 октомври, до кога трае пријавувањето, да имаме значителен број граѓани кои дополнително ќе достават барања. Тоа значи дека ќе се исполнат очекувањата за масовен одѕив на граѓаните кои спаѓаат во соодветните категории“, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на потпишувањето на договорите со доверителите кои се вклучија во мерката за отпис на долговите.
Тој потенцира дека станува збор за една масовна акција во која, освен Владата, се вклучија сите банки, ЕВН Македонија, Топлификација, МРТ, ЕЛЕМ енергетика, како и Комората на извршители и Комората на нотари, обезбедувајќи учество на сите релевантни субјекти за овој проект да биде успешен и да се реализира како што е планирано.
