Туризам

Расте бројот на туристи во Вевчани

23.11.2025 14:44

Вевчани станува се поатрактивна дестинација во земјава, расте бројот на туристи и има недостиг од сместувачки капацитети. Со 400.000 евра од унгарскиот кредит се подобрува и инфраструктурата.

Вевчани станува се поатрактивна еко-дестинација за туристите во текот на целата година. Најактуелни се организираните еднодневни и викенд екскурзии со странски гости, кои уживаат во живописната природа на Јабланица, Вевчанските извори и традиционалната храна.

Како зелена општина, решително развива одржлив туризам, но се соочува со недостиг на сместувачки капацитети.

„Нормално, работиме активно на развивање на туризмот во Вевчани, да направиме во Вевчани поатрактивно место за туристите што доаѓаат. Вистина, капацитетите во Вевчани ни се најмногу за десеттина души, најмногу за сместување, ни треба барем капацитет каде би сместил 50 души во еден автобус“, додава Кочоски.

Последниве години силно се вложува во реконструкција на локалните улици и патишта. За таа намена општината доби 400.000 евра од унгарскиот кредит.

„За инфраструктура, за реконструкција на улици. Најголем проект е реконструирање на 4 улици во износ од 2 км. Тие се главни улици во Вевчани. Целосна реконструкција, канализација, вода, подземна, електрична енергија, кандалабиско осветлување“, вели Спасе Кочоски градоначалник на општина Вевчани.

Најмалата општина во земјава станува се поважна дестинација за активен туризам во Југозападниот регион.

Соња Рилкоска