Штип

Типски куќи за 41 семејство во социјален ризик

23.11.2025 15:12

Четириесет и едно семејство во социјален ризик во Штип доби свој дом. Над 260 лица од кои околу половина се деца се сместуваат во типските куќи кои општината со поддршка од европските фондови ги изгради за нив.

Со 440 илјади евра од европските фондови и 220 илјади од општинскиот буџет, во населбата „Света Недела“ во Штип се изградија типските куќи главно за семејствата на кои пред 14 години им изгореа домовите. Семејството Асанови е едно од нив, велат дека овде условите за живот се многу подобри од претходно, но им недостига покуќнина.

Станарите очекуваат да се доуреди просторот околу бараките, да имаат контејнери, улично осветлување и училиштен превоз за децата.

Типските куќи се трајно решение за најголем дел од социјално ранливите семејства, но сè уште има бездомници во Штип.

Градоначалникот на Штип најави доуредување на населбата, а се бара решение и за оние кои сè уште немаат кров над глава.

Славица Величковска