Во Женева разговори за мировниот план на Трамп
Во Женева преговори за мировниот план на Трамп за ставање крај на војната во Украина. Високи претставници на САД и на Украина, како и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија ги разгледуваат деталите од мировната рамка од 28 точки. За европските лидери планот содржи многу од барањата на Москва, а нуди ограничени безбедносни гаранции за Киев. бараат Украина да биде заштитена од САД како да е дел од НАТО. Трамп вели-предлогот не е конечен.

Додека отчукува часовникот на Трамп за мировниот план за ставање крај на војната во Украина, во Женева клучни разговори на украинската делегација поддржана од европските сојузници со претставници на Вашингтон. Се разгледува американскиот предлог. Државниот секретар Рубио, кој е дел од делегацијата на САД заедно со пратеникот Виткоф, ги демантираше тврдењата дека рамката од 28-точки за мир е преговаран со Русија.
„Предлогот за мир е составен од САД. Се нуди како силна рамка за тековните преговори. Се базира на придонес од руската страна. Но, исто така се базира на претходни и тековни придонеси од Украина.“, стои во соопштението од Рубио.
Мировниот план предвидува територијални отстапки од Украина додека ја намалува својата армија и го блокира посакуваниот пат кон членство во НАТО, за возврат Русија би се повлекла од другите територии, не би ги напаѓала соседите и би го гарантирала извозот на жито. Според европските лидери планот содржи многу од долгогодишните барања на Москва, а нуди ограничени безбедносни гаранции за Киев.
„Еден од елементите во планот е безбедносната гаранција од САД според Член 5-најсилната гаранција што може да се предложи за да се зајакне вербата дека она што сите ние се обидуваме да го постигнеме овде е праведен и траен мир. Но, тој ќе биде таков само ако има безбедносни гаранции. И ако имаме предвид дека она што е важно за Украина, секогаш ќе го одредува Украина“, изјави Кир Стармер – премиер на Обединетото Кралство.
„Во прашање е очигледно украинскиот суверенитет и европската безбедност, нормално е и Украинците и Европејците да бидат на маса за да го финализираат овој план. Имаме само еден проблем, а тоа не се САД туку Русија, која ја започна оваа војна, одби да ги прифати предлозите за прекин на огнот во февруари, март, јули, август, и не даде никакви коментари овојпат дали би прифатиле да има прекин на огнот сега“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.
Во време кога Украина и Западот испраќаат позитивни сигнали дека американскиот план може да послужи како основа за мир, но е потребно заеднички да се доработи и зајакне, Трамп истакна дека неговата понуда не е конечна.
„Не, ни од далеку не е конечна. Би сакале да постигнеме мир. Тој требаше да се случи одамна. Војната во Украина со Русија никогаш не требаше да се случи. Се обидуваме да ја завршиме. На еден или друг начин, мора да ја завршиме“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Рокот од Трамп-Украина да го прифати мировниот предлог до 27 ноември за ставање крај на четиригодишната војна предизвика вознемиреност во Киев и силен притисок врз Зеленски и неговата земја да избира меѓу заштита на суверенитетот или зачувувањето на клучниот американски партнер и неговата поддршка.
Бојана Крстевски
