Шилд објави крај на кариерата
„Дојде часот за ново поглавје во животот“, беше емотивна на прес-конференцијата рекордерката со 35 победи во најтехничката дисциплина во Светскиот Куп...

Најуспешната слаломистка на сите времиња, австриската скијачка Марлиз Шилд, се збогуваше од белите патеки. 33-годишната алпинка објави крај на кариерата, во којашто неколкупати успешно се справуваше со потешки повреди, враќајќи се во елитата по подолги паузи.
„Дојде часот за ново поглавје во животот“, беше емотивна на прес-конференцијата рекордерката со 35 победи во најтехничката дисциплина во Светскиот Куп. Лани во Лиенц ја симна од престолот славната Швајцарка Френи Шнајдер, којашто две децении беше најдобра со 34 слаломски успеси.
Шилд беше освојувачка на четири слаломски глобуси и на еден мал кристален глобус во комбинација во Светскиот куп. Беше двојна светска шампионка од 2007 и од 2011, уште трипати сребрена и двапати бронзена на мундијалите. Неостварен сон и остана олимписко злато. На најголемите спортски настани има три сребра (во 2006, 2010 и 2014) и еден бронзен медал.
Шилд, инаку долгогодишна девојка на Бенјамин Рајх, одлуката за крајот на кариерата ја донела по завршувањето на минатата сезона. „За се размислив многу темелно. Беше многу интензивно и убаво. Ги доживеав соништата коишто ги имав како мало девојче“, со солзи во очте зборуваше пред новинарите Шилд, којашто со 37 победи во Светскиот куп се наоѓа на шестото место на вечната листа.
