Зошто мандарините се супернамирница на зимата?

24.11.2025 09:19

Мирисни, здрави и вкусни – мандарините со право се сметаат за една од најдобрите зимски супернамирници...

Со доаѓањето на студените денови, лекарите редовно препорачуваат почеста консумација на овошје богато со витамин Ц – портокали, грејпфрут, но особено мандарини. Иако многумина ги сакаат поради нивниот освежувачки вкус, малкумина знаат колку навистина здравствени придобивки нуди ова мало овошје.

Мандарините се нискокалорични и вистинска нутритивна ризница. Во 100 грама имаат само 34 калории и околу 30 мг витамин Ц – речиси двојно повеќе од портокалите. Дополнително, телото од бета- каротинот што го содржат создава витамин А, важен за добар вид и здрава кожа.

Ова овошје е богато и со фолна киселина, железо, магнезиум и витамини од Б-групата. Благодарение на растителните влакна, мандарините го подобруваат варењето, а честопати се истакнува и нивната улога во намалување на целулитот.

Студиите покажуваат дека редовната консумација на мандарини може да помогне во намалување на ризикот од дијабетес, мозочен удар и срцеви заболувања. Тие содржат нобилетин – соединение кое се наоѓа во кората и е десет пати посилно од она во грејпфрутот. Нобилетинот помага во регулирање на холестеролот и триглицеридите, а долгогодишните истражувања посочуваат дека има позитивен ефект и врз артериосклерозата, односно спречува развој на наслаги кои можат да предизвикаат срцев или мозочен удар.

Дополнителен бонус: ако купувате непрскани мандарини, не ја фрлајте нивната кора. Можете да ја исушите и да ја користите како ароматичен додаток во колачи, чаеви или други десерти.