САД и Украина се согласија на „ажурирана и ревидирана мировна рамка“ по преговорите во Женева
САД и Украина се согласија на „ажурирана и ревидирана мировна рамка“ по преговорите во Женева за завршување на четиригодишната војна со Русија. Американскиот државен секретар Рубио изјави дека постигнале „огромен напредок“, иако не беа откриени конкретни детали.Зеленски потврди дека има „сигнали дека тимот на претседателот Трамп ги слуша“...

САД и Украина се согласија на „ревидирана мировна рамка“ по преговорите во Женева за завршување на војната со Русија. Во заедничко соопштение објавено од Белата куќа, страните истакнаа дека дискусиите биле продуктивни и дека секој договор мора да го почитува суверенитетот на Украина.
„Двете страни се согласија дека консултациите беа многу продуктивни. Дискусиите покажаа значаен напредок кон усогласување на позициите и идентификување на јасни следни чекори. Тие потврдија дека секој иден договор мора целосно да го почитува суверенитетот на Украина и да обезбеди одржлив и праведен мир. Како резултат на тоа, страните изготвија ажурирана и усогласена мировна рамка“, се вели во соопштението од Белата куќа.
Заедничкото соопштение го продолжи оптимистичкиот тон на американскиот државен секретар Рубио кој по дискусиите во Женева истакна дека многу скоро може да се постигне договор. Тој го ублажи рокот на Трамп за Украина да го прифати мировниот план до четврток, нагласувајќи дека тоа сега е второстепено. Откри дека главната цел на дискусиите била да се стеснат отворените точки од американскиот план, одбивајќи да навлезе во деталите.
„Нема да навлегувам во деталите за прашањата, некои од нив се деликатни и бараат повеќе време за решавање, некои се однесуваат на семантика, други на одлуки на повисоко ниво. Ова е „жив документ“ кој еволуира и се менува секој ден. Имаше прашања за улогата на ЕУ и НАТО, кои ќе треба да се дискутираат со европските земји. Има отворени точки кои не се непремостливи, но за кои ќе треба повеќе време“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Секој конечен договор ќе треба да биде одобрен од украинскиот и американскиот претседател пред да и биде доставен на Русија. Зеленски потврди дека има „сигнали дека тимот на претседателот Трамп ги слуша“.
„Има сигнали дека тимот на претседателот Трамп нè слуша. Сакам да им се заблагодарам на сите што ни ја нудат оваа помош. Важно е да се осигураме дека чекорите кон завршување на војната се ефикасни и дека сè е изводливо. Украина никогаш не ја сакала оваа војна и ние никогаш нема да бидеме пречка за мир. Дипломатијата е обновена и тоа е добро“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Протечениот план на Трамп предизвика загриженост кај Киев и Западот поради усогласеност со тврдокорните барања на Москва, вклучително ограничување на украинската војска и откажување од Крим, Луганск и Донецк. Брисел останува на ставот дека секој мировен план мора да го почитува правото на Украина да ја избере својата судбина, вклучувајќи го и членството во Унијата. Путин претходно оцени дека планот може да биде основа за мировно решение, но предупреди дека Русија ќе напредува ако Киев одбие преговори.
Бојана Крстевски
