Двајцата даночни инспектори осомничени во случајот „Пулс“ остануваат во куќен притвор
Во соопштението на Судот е наведено дека жалбите се целосно одбиени и дека решенијата на судијата на претходна постапка остануваат во сила.

Кривичниот совет на Основниот суд во Кочани ги одби жалбите на Основното јавно обвинителство и одлучи двајцата даночни инспектори осомничени за злоупотреби поврзани со дискотеката „Пулс“ да останат во куќен притвор.
Обвинителството бараше нивно испраќање во истражен затвор, наведувајќи опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото. Сепак, Кривичниот совет оцени дека домашниот притвор е соодветна мерка која ќе обезбеди непречено одвивање на понатамошната постапка.
Во соопштението на Судот е наведено дека жалбите се целосно одбиени и дека решенијата на судијата на претходна постапка остануваат во сила.
„Советот од чл. 25 став 5 од ЗКП, при Основен суд Кочани постапувајќи по изјавените жалби од страна на ОЈО Кочани против решенијата на Судија на претходна постапка со кои спрема двајца осомничени им беше определена мерка за обезбедување присуство-Куќен притвор, ги одбил, изјавените жалби на ОЈО Кочани против истите и донесените решенија на Судијата на претходна постапка ги потврдил“-стои во соопштението од кочанскиот суд.
Инспекторите на УЈП се сомничат дека земале поткуп, ја злоупотребувале службената положба и однапред ги информирале сопствениците на дискотеката за претстојни контроли, овозможувајќи им да избегнат законски обврски.
