Најголем интерес за техничките струки во вториот уписен рок
Општествените науки сеуште остануваат најбарани меѓу средношколците. Речиси и да нема слободни места на економскиот, филозофскиот и филолошкиот факултет при УКИМ...

Најголем е интересот за техничките факултети. Средношколците ја препознаа побарувачката од ваквите кадри на пазарот на трудот. Навалица имаше и пред студентски прашања на Факултетот за електротехника . Идните студенти со став- со дипломата доаѓа и сигурно вработување.
„Сметам дека со ’електро’ ќе имам работа... Сигурно ќе има вработување“, велат идните студенти кои ги затекнавме.
Деканот Станковски вели дека ова се должи на се поголемиот број странски компании кои бараат кадар од овој факултет. 50 насто од запишаните студенти се со просек 9.
„Најголем дел веднаш по дипломирањето наоѓаат работа, дел од нив веќе и пред да дипломираат одат на работа. Исто така добар дел од нив заминуваат и во странство да го продолжат своето студирање на реномираните универзитети“, изјави деканот на ФЕИТ, проф. д-р Миле Станковски.
Општествените науки сеуште остануваат најбарани меѓу средношколците. Речиси и да нема слободни места на економскиот, филозофскиот и филолошкиот факултет при УКИМ. Загрижува податокот, вели деканката Велева што нема интерес за изучување на македонскиот јазик и книжевност.
„Нашите млади повеќе сакаат да студираат странски јазик. Веќе во првиот уписен рок се пополнија местата за англиски јазик, превод и толкување кадешто се трите европски јазици- англиски, француски и германски, се пополни квотата и за изучување на шпански јазик“, вели деканката на Филолошки факултет, проф. д-р Славица Велева.
Најстариот универзитет во Македонија оваа академска година ги отвори вратите за околу 10.000 студенти.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе запишува студенти и во третиот уписен рок кој ќе се одржи на 16-ти септември. Тој ќе биде наменет за сите средношколци кои не успеале да се запишат на некои од државните универзитети.
Викторија Тодоровска
