Регион

Синиша Каран победи на претседателските избори во Република Српска, опозицијата обвини за изборна кражба

24.11.2025 17:34

Моќта останува кај Милорад Додик. Кандидатот на владејачкиот Сојузот на независни социјалдемократи, Синиша Каран е победник на предвремените избори за претседател на Република Српска. Опозицијата обвини за изборна кражба.

Опозициските партии во Република Српска ги спорат предвремените претседателските избори. Одбија да прифатат дека Синиша Каран, кандидатот на владејачкиот блок е победник, тврдејќи дека податоците од терен укажуваат на „кражба на избори од големи размери“. Забелешките следат откако претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи, Додик кој со судска одлука беше отстранет од функцијата поради сепаратистички активности, ја прогласи победата на Каран со предност од 10.000 гласови пред противникот Блануша.

„Победник на изборите е нашиот кандидат Синиша Каран и во тоа нема сомнение. Судскиот процес имаше за цел дестабилизација на република српска, а резултатот од овие избори е целосна стабилизација на Република Српска. Ова покажа дека властите тука имаат целосна поддршка од народот, како што беше случај пред една година, па затоа оваа победа несомнено е од големо значење“, изјави Милорад Додик-претседател на владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи.

„Српскиот народ и Република Српска се може да толерираат, но понижувањето од странци кои мислат дека можат да му ја уништат волјата, никогаш не толерирале. Српскиот народ даде решителен одговор-„не“ на ниту еден странец. Никому не му е дозволено да биде узурпатор и да ја поништува волјата на народот“, изјави Синиша Каран, кандидат за претседател на Република Српска.

Иако Блануша нагласи дека е многу задоволен од изборниот резултат, од опозицијата побараа повторно гласање во три града, наведувајќи наводна измама, но не понудија конкретни докази. Новиот претседател ќе има едногодишен мандат, што се смета за тест пред парламентарните и претседателските избори во 2026 година.

 

Катерина Бојаџиева