Здравство

Во Битола полни амбуланти, празни училишта и градинки

24.11.2025 12:58

Пред нас е уште една сезона на вирусни инфекции. Променливите временски прилики ги празнат училишните клупи и градинки, а ги полнат амбулантите. Матичните лекари со полни раце работа, дневно по околу 100 прегледи, најчести се горнореспираторните инфекции, проследени со кашлица, а зголемен е бројот и на овчите сипаници...

Променливото и релативно топло време ги полни амбулантите на матичните лекари, а за сметка на тоа се празнат училишните клупи и градинките. Во ординацијата на докторот Ели Димовска дневно има околу 100-тина прегледи. Во овој период најчести се горно респираторните инфекции, стомачните вируси и овчите сипаници.

Во средини каде има повеќе деца многу полесно вирусите преминуваат од едно на друго дете, но тоа не треба да ги загрижува родителите, на тој начин се зајакнува имунолошкиот систем. Најважно е, да примаат повеќе течности како и здрава и разновидна храна богата со витамини и минерали

Во споредба со истиот период лани, оваа година има помалку пациенти, бројот на заболени деца се очекува да се зголеми во следните месеци.

Покрај препораките, останува апелот-децата редовно да се имунизираат, затоа што вакцините се најдобра превенција, ја намалуваат веројатност за вирусни инфекции, создавајќи антитела кои се борат против вирусите.

Александра Максимовска