Најтензичен НАТО- самит од завршувањето на Студената војна

03.09.2014 15:10

Покрај шефовите на државите и владите на 28-те членки ќе учествуваат и лидери на партнерските земји, вкупно околу шеесетина. За обезбедувањето на учесниците на самитот ангажирани се околу 9.500 полицајци...

Подготовки за можна војна или „историскиот“ самит на НАТО среде најголемата криза со Русија. Утре и в петок лидерите на земјите членки на Алијансата во Кардиф - Велс ќе го отворат Самитот кој поради кризата во Украина доаѓа во момент на најзатегнати односи со Русија од завршувањето на Студената војна. 

Покрај шефовите на државите и владите на 28-те членки ќе учествуваат и лидери на партнерските земји, вкупно околу шеесетина. За обезбедувањето на учесниците на самитот ангажирани се околу 9.500 полицајци.

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен најавил дека лидерите на земјите- членки на Самитот ќе донесат одлука за јакнење на присуството на Алијансата во источна Европа.

„На самитот ќе се осигураме дека Алијансата ќе биде подготвена и способна да ги брани сојузниците од каков било напад. Ќе донесеме акциски план за готовност (РАП), кој ќе го направи НАТО поагилен од кога било“, изјави Расмусен на почетокот од неделава во Брисел.

Односите меѓу Русија и Западот се заострија поради кризата во Украина, поради која НАТО ја обвинува Русија за непочитување на нејзините меѓународни обврски и ја повикува да ги сопре нелегалните воени активност на истокот на Украина.

Русија пак е вознемирена од најавите на Киев дека по парламентарните избори ќе предложи закон со кој земјата ќе се откаже од одлуката дека нема да бара членство во НАТО.

Алијансата и Русија во ’97-та во Париз потпишаа договор за регулирање на меѓусебните односи, кој, меѓу другото, вклучува и обврска на НАТО дека на своите источни граници нема да ја засилува својата воена присутност со постојано распоредени сили.

И двете страни со тој договор се обврзаа дека не се сметаат за противници. Од НАТО тврдат дека тој договор го крши Русија, а во Москва истакнуваат дека НАТО со самата најава за јакнење на присутноста на Истокот ги зголемува тензиите.

На самитот е повикан и украинскиот претседател Петро Порошенко со кој челниците на НАТО ќе разговараат за јакнење на соработката со Киев. Во меѓувреме Киев тврди, Москва демантира дека е постигнато примирје. Русија не може да постигне таков договор, бидејќи не е страна во конфликтот, порача портпаролот  на Путин. 

Лидија Чакар