17.600 граѓани побарале простување на долговите
Дневно се поднесуваат од 1.500 до 2.500 барања за отпис на долгови. Центрите за социјала работат под полна пареа. Денеска, и доверителите ставија потпис на договорите за учество во проектот, со што се создадени сите предуслови за негова реализиација...

17.600 граѓани досега побарале простување на долговите. Во центрите за социјална работа дневно пристигнуваат од 1.500 до 2.500 барања за отпис. Апсолутен рекордер е Куманово. Властите очекуваат, првите решенија да бидат доделени кон средината на октомври. Апелираат да не се чека.
„Сакам да ги поттикнам граѓаните, коишто ги исполнуваат критериумите утврдени со Законот и Јавниот повик, да ги достават барањата до центрите за социјална работа, за надлежната комисија да ги разгледа и навремено да донесе решение“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Во проектот се вклучија сите банки, ЕВН, ЕЛЕМ, Топлификација, МРТВ, нотарите и извршителите. Ставија потпис на договорите со кои се создадени сите предуслови за успешна реализација на проектот.
„Со другите компании и институции ќе им помогнеме на граѓаните да ги расчистат старите долгови, тоа е и наш интерес, бидејќи тие, како наши корисници, ќе можат во иднина многу полесно да ги планираат потрошувачката и начинот на плаќање“, смета Игор Гиевски, член на УО на ЕВН Македонија.
„Оваа акција, нам како компанија ќе ни помогне да ги исчистиме билансите, но ќе ги заштити и граѓаните, да не останат без основните материјални добра“, вели Дејан Бошковски, директор на АД ЕЛЕМ.
Се уште е непознато колкав долг ќе се отпише. Износот ќе биде утврден откако ќе се разгледаат поднесените барања. Сепак, банките и сега уверуваат дека нема да им се нарушат билансите. Напротив, ќе заштеделе.
„Да не е овој Закон, банките би морале да ги поминат сите чекори за наплата, а дури потоа да одат кон процедурата за отпис. Со овој Закон се избегнува тој пат, со што ни се намалуваат и директните трошоци, а штедиме и човечки ресурси“, изјави Маја Стевкова Штериева, директор во Комерцијална банка.
Освен банките и компаниите, товарот од проектот ќе го понесат и нотарите и извршителите.
„Ние се откажуваме од извршителската награда и од трошоците за предметите што се во постапка на извршување“, рече претседателот на Комората на извршители, Зоран Петрески.
Доколку сте поднесле барање за отпис, во овој период не постои опасност од присилна наплата.
„Во овој период не би требало да има активности што се во спротивна насока од она што е предвидено со овој проект. Таков е договорот. Во тој дел нема ризик за граѓаните, бидејќи состојбата со долговите е констатирана и сега треба да се верификува документацијата, дали е точна, и нема да има застој во тој дел“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Проектот функционира без проблеми. Се очекува целосно да биде комплетиран до крајот на ноември.
Мартин Пушевски
