Собрание

Анкетна комисија за трагедијата во Кочани

24.11.2025 15:37

Собранискиот спикер Гаши ја врати иницијативата на СДСМ и Левица за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани. Тој се повика на Деловникот, според кој, мнозинството во телото треба да го има власта, а претседателот на комисијата да биде од опозицијата. Денеска и мнозинството достави иницијатива…

Претседателот на Собранието, Африм Гаши ја врати на доработка иницијативата на СДСМ и Левица, потпишана од 20 пратеници за формирање Анкетна комисија за трагедијата во Кочани.

Гаши информираше дека во поднесениот предлог било утврдено дека мнозинството во Комисијата му припаѓа на опозицискиот блок, што е спротивно на собранискиот Деловник. Гаши толкувајќи го членот во Деловникот, објасни дека мнозинството во комисијата го има власта, додека претседателот се избира од редовите на опозицијата.

Во меѓувреме, 77 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа иницијатива за Анкетна комисија, која покрај трагедијата во Кочани ќе ги испитува и околностите-за пожарот во Модуларната болница во Тетово и сообраќајните несреќи на Дурмо турс кај Ласкарци и на Беса транс во Бугарија.

Од Демократската унија за интеграција велат дека принципиелно поддржуваат иницијатива за Анкетна комисија на која би се разгледувале сите несреќи во изминатиот период.

Христијан Мицкоски преку Африм Гаши го минира формирањето на анкетна комисија за трагедијата во Кочани – реагира СДСМ преку соопштение. Најавија нова иницијатива и тврдат дека претходно поднесената е целосно во согласност со Деловникот, а спикерот Гаши со одлуката им купил две недели на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ

Миле А. Ристески