Кочанскиот суд ги одби жалбите на Обвинителството, останува куќниот притвор за даночните инспектори
Кочанскиот суд ги одби жалбите на Обвинителството. Останува куќниот притвор за даночните инспектори, осомничени дека земале поткуп и му давале информации на синот на газдата на „Пулс“ за ненајавените контроли. Овој процес е поврзан со трагедијата, но не е дел од големиот предмет за кој, судењето продолжува веќе утре...

Куќен притвор за инспекторот и контролорот од УЈП. И Кривичниот совет на Кочанскиот суд се согласува со судијата – Драганчо Паунов и Дуле Димитриев да не завршат зад притворските решетки. Потврдувањето на одлуката следува по жалбата на Обвинителството кое тврди дека осомничените може да избегаат или да влијаат на сведоците, но изрекувајќи им ја поблагата мерка судот им забрани да комуницираат меѓу себе.
„Советот при Основниот суд – Кочани, постапувајќи по жалбите од страна на ОЈО – Кочани против решенијата на судија на претходна постапка, со кои за двајца осомничени беше определена мерка „куќен притвор“, ги одби жалбите и ги потврди донесените решенија на судијата на претходна постапка“, се вели во соопштението од Основен суд Кочани.
И адвокатот на Паунов смета дека неговиот клиент треба да се брани од слобода.
Тој е осомничен дека добивал мито од синот на сопственикот на пулс, а за возврат му кажувал кога ќе има контроли во дискотеката.
Анита Димитријевска – Велковска
