Македонија

Судот во Стразбур отвора предмет за судењето на Јанкулоска

24.11.2025 15:01

Европскиот суд за човекови права отвори предмет за случајот „Тенк“ за набавката на блиндираното возило за МВР. Има индиции дека е повредено правото на правично судење на ексминистерката, Гордана Јанкулоска. За неа, ова е мала лична сатисфакција, премиерот Мицкоски коментира – оние кои ги контаминираат судството и обвинителството не срамат пред Стразбур...

Европскиот суд за човекови права во Стразбур поведува постапка за да оцени, дали имало прекршување на правото на фер судење на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот мерцедес за МВР. Веста ја соопшти лично Јанкулоска, која вели дека ова за неа e и мала сатисфакција, откако пред пет години ја поднела апликацијата пред судот.

„Јас издржав неправедна драконска казна и штетата која ја претрпев на приватен и професионален план не може да се надомести. Сепак, сознанието дека од страна на ЕСЧП овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција. Можеби конечно оние со 2 проценти доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди, затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните права“, изјави Јанкулоска.

Судот, меѓу другото, пријавил интерес за користењето на прислушуваните разговори како доказ, а кои одбраната на Јанкулоска немала можност да ги оспори, ниту имала пристап до целата документација што ја нарушило рамноправноста на странките во постапката.

Премиерот Мицкоски рече дека како влада се принудени да се срамат и да црвенеат пред Стразбур, поради, како што вели, малкумината судии и обвинители кои ги контаминирале македонското судство и обвинителство.

Јанкулоска во случајот „Тенк“ првостепено беше осудена на шест години затвори, кои апелација подоцна ги намали на четири.

Игор Панов