Свет

Напредок во преговорите за мир во Украина

24.11.2025 17:22

Сè поизвесно е дека ќе се стигне до мир во Украина. Се врати оптимизмот, откако претставниците на Вашингтон и на Киев изготвија доработен мировен план за ставање крај на војната. Новата верзија е со посилни безбедносни гаранции за Украина. Во следниве денови ќе се работи на деталите, по што документот ќе се испрати во Москва …

САД и Украина се согласија на „ревидирана мировна рамка“ по преговорите во Женева за завршување на војната со Русија. Во заедничко соопштение објавено од Белата куќа, страните истакнаа дека дискусиите биле продуктивни и дека секој договор мора да го почитува суверенитетот на Украина.

„Двете страни се согласија дека консултациите беа многу продуктивни. Тие потврдија дека секој иден договор мора целосно да го почитува суверенитетот на Украина и да обезбеди одржлив и праведен мир. Како резултат на тоа, страните изготвија ажурирана и усогласена мировна рамка“, соопштуваат од Белата куќа.

Планот на Трамп предизвика загриженост кај Киев и Западот поради усогласеност со тврдокорните барања на Москва, вклучително ограничување на украинската војска и откажување од Крим, Луганск и Донецк. Границите не можат да се менуваат со сила, воените злосторници не смеат да избегаат од правдата, агресорот мора целосно да плати за војната што ја започнал, став на украинскиот претседател.

„Сега сме во критичен момент и тесно соработуваме со САД, со европските партнери, со многу, многу други за да дефинираме чекори што можат да ја завршат војната на Русија и да донесат вистинска безбедност. Путин сака правно признание за она што го украл за да го прекрши принципот на територијален интегритет и суверенитет, и тоа е главниот проблем“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Брисел останува на ставот дека секој мировен план мора да го почитува правото на Украина да ја избере својата судбина, вклучувајќи го и членството во Унијата.

„Подготвени сме да продолжиме да го поддржуваме овој процес преку тесна соработка со Европската Унија и во тесна координација со Украина, САД и НАТО. Она што е важно сега е да продолжиме напред како партнери, обединети од нашата заедничка цел, да ја запреме оваа војна“, рече Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.

„Територијата и суверенитетот на Украина мора да се почитуваат. Само Украина како суверена земја може да донесува одлуки во врска со своите вооружени сили. Изборот на нивната судбина е во нивни раце“, нагласи Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Путин претходно оцени дека планот може да биде основа за мировно решение, но предупреди дека Русија ќе напредува ако Киев одбие преговори.

Маријана Димовска