Агенцијата за филм постапува по забелешките од ревизорот
Агенцијата за филм, која изминатиов период беше под лупа на јавноста поради сомнежи за неправилности, уверува дека постапува по забелешките на ревизорот и оти добар дел од проблемите се веќе надминати. Оттаму очекуваат в година да се снимат неколку долгометражни остварувања.

Ревизорскиот извештај за финансиското работење на Агенцијата за филм се однесува на периодот до 2024 година, објаснува новото раководство. Оттаму велат дека веќе работат на укажувањата за да ги отстранат недостатоците.
„Воспоставен е процес на целосна усогласеност на деловните книги со фактичката состојба, а во моментов се спроведува и детален попис на средствата, побарувањата и обврските, со што се обезбедува стабилно и транспарентно финансиско управување. Активно се работи на изготвување на Стратегија за развој на филмската дејност, документ кој по повеќе години ќе обезбеди јасна визија, приоритети и долгорочни насоки за развој на секторот“, изјави Сашко Мицевски - в.д дирекот на Агенцијата за филм.
Годинава, Агенцијата за филм реализирала исплата од над 3 милиони евра за поддршка на 55 филмови и 36 фестивали. Агенцијата ја поддржува и кампањата за Оскарите на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, за што се издвоени 100.000 еврa.
Александра Спировска
