Напади врз Киев, има жртви и повредени
Украинските сили соопштија дека успеале да ги потиснат руските трупи од централниот дел на Покровск, град каде што во последните недели се водеа најжестоките борби на источниот фронт.

Станбени блокови во Киев беа нападнати од бран руски напади во текот на ноќта, има повредени. Украинските сили соопштија дека успеале да ги потиснат руските трупи од централниот дел на Покровск, град каде што во последните недели се водеа најжестоките борби на источниот фронт. Во екот на дебатата за крај на војната, од Белата Куќа негираат дека планот на Трамп бил направен во полза на Москва. Вашингтон уверува дека разговорите се одвиваат со двете страни веќе 10 месеци и притисокот врз Путин и Зеленски ќе продолжи.
„Идејата дека САД не се ангажираат подеднакво со двете страни во оваа војна за да ја завршат е тотална заблуда. Доаѓа од луѓе кои немаат поим за што зборуваат или луѓе кои ја туркаат својата агенда или можеби не сакаат оваа војна да заврши, а можеби и профитираат од тоа. Но, никој во оваа зграда нема корист од војната. Ние сакаме оваа војна да заврши. И тоа е она на што претседателот и неговиот тим гордо работат. И мислам дека критичарите треба да се повлечат еден чекор назад“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Украина ја разгледа секоја точка од предложениот план со САД и документот, некои точки се избришани, други се ревидирани. Ниту едно украинско барање не остана нерешено, изјави советникот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател. Првичните 28 точки од планот биле сведени на 19 по разговорите во Швајцарија. Конечните одлуки за најчувствителните прашања ќе ги донесат претседателите Зеленски и Трамп во Белата куќа подоцна оваа недела, објавија светските агенции.
