БЛИСКИ ИСТОК

Дебата во Советот за безбедност за примирјето во Газа

25.11.2025 09:04

Планот не може да се одржи додека едната страна одбива да ја исполни дури и својата најосновна обврска. Хамас мора да се разоружа, изјави Дени Данон, постојан претставник на Израел во ООН...

Првата фаза од прекинот на огнот во Газа мора целосно да се спроведе, а страните итно да постигнат договор за следните фази, заклучок од Советот за безбедност на Обединетите Нации.

„Примирјето не може да преживее додека терористичка организација го задржува своето оружје. Планот не може да се одржи додека едната страна одбива да ја исполни дури и својата најосновна обврска. Хамас мора да се разоружа“, изјави Дени Данон, постојан претставник на Израел во ООН.

„Прекинот на огнот мора да се почитува и спроведува во целост. Ништо не може да оправда дека 1.000 Палестинци се убиени или повредени од почетокот на прекинот на огнот. Ништо не може да го оправда тоа што секој ден, две палестински деца се убиени од Израел“, изјави Ријад Мансур, постојан набљудувач на Палестина во ООН.

„САД остануваат непоколебливи во посветеноста на безбедноста на Израел и демилитаризацијата на Газа. Неодамнешните напади од страна на израелските одбранбени сили врз цели на Хамас беа одговор на кршењето на прекинот на огнот од страна на оперативците на Хамас. САД ги признаваат легитимните безбедносни загрижености на Израел“, изјави Џенифер Лочета, заменик-претставник во ООН, алтернативен претставник за специјални политички прашања, САД.

Израелската војска соопшти дека изминатиот период дејствува во Рафах и ги демонтира тунелите и ги елиминира преостанатите милитанти. Израелските сили се повлекоа од некои области од Газа според прекинот на огнот што започна на 10 октомври. Израел и натаму чека да бидат вратени останките на тројца заложници.