Изложба „Откритија“ во Македонскиот КИЦ во Белград
На оваа изложба, ќе бидат претставени 14 дела од македонски ликовни уметници, меѓу кои и дела од основоположниците, кои се сопственост на приватната колекција на слики на Игор Станковиќ.

Македонскиот КИЦ во Белград, од 25 до 29 ноември, ќе биде организатор и домаќин на изложбата „Откритија“, прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници, чии дела се наоѓаат во приватни белградски колекции.
На оваа изложба, ќе бидат претставени 14 дела од македонски ликовни уметници, меѓу кои и дела од основоположниците, кои се сопственост на приватната колекција на слики на Игор Станковиќ.
Станува збор, за мали ремек-дела на големите мајстори на македонската ликовна уметност, за кои македонската стручна и ликовна јавност многу малку знае, бидејќи освен во Галеријата на САНУ во Белград, овие дела, во најголем дел, ретко или никогаш не биле изложувани во нашата држава.
„Сè поголемата отвореност на приватните колекции и нивната достапност, е од непроценлива помош при евидентирањето на делата, датирањето, споредбите, особено за можноста тие да бидат изложени на проблемски, тематски, монографски изложби. Тоа е и голем придонес во проучувањето на историјата на уметноста на одредена почва. Излагањето на збирките во приватни аранжмани, ги отвори вратите и ја проблематизира потребата од нивното презентирање и во државните институции. Секако, овој транспарентен начин на соработка со богатствата што се под закрила на приватните амбиенти, дава можност да се откријат, пронајдат, непознати податоци кои можат да предочат одредени пропусти или некои поместувања во постоечките теоретизирања“, пишува историчарката на уметноста, Викторија Васева Димеска во каталогот за изложбата.
Како што соопштуваат од Македонскиот КИЦ во Белград, овој проект е само почеток на една поголема и повеќегодишна активност за презентирање на сите поважни дела од македонски ликовни автори кои се наоѓаат во белградски приватни колекции и е поддржан од Министерството за култура и туризам.
