И покрај преговорите, нови руски напади врз Киев, но и украински врз Русија
Жртви и повредени во ноќните руски напади врз Киев и други украински региони. Оштетена е енергетска инфраструктура. И Русија нотира удари со беспилотни летала на југот од земјата. Воените дејствија продолжија и по измените на американскиот мировен предлог. Од Белата куќа велат дека планот не е направен во корист на Москва и подеднакво прават притисок и врз Путин и врз Зеленски…

Во екот на дебатата за крај на војната, жестоки напади врз Киев и повеќе украински градови. Има жртви и повредени, оштетена енергетската инфраструктура. И Русија нотира удари со беспилотни летала на југот. Претходно, украинските сили соопштија дека успеале да ги потиснат руските трупи од централниот дел на Покровск, град каде што во последните недели се водеа најжестоките борби на источниот фронт.
„Лежев во креветот кога се случи силната експлозија и стаклото падна врз мене. Не верувам во мировниот план, никој никогаш нема да направи ништо во врска со тоа. Путин нема да запре додека не не заврши“, вели жителка на Киев.
„Тие пишуваат едно, но прават по свое. Војната нема да престане. Ми се чини така. Никакви преговори нема да успеат“, додава друга.
Украинскиот претседател предупреди за тешки денови и покрај тековните преговори. Зеленски вели дека од предложениот план со САД, ниту едно украинско барање не останало нерешено. Првичните 28 точки од планот биле сведени на 19 по разговорите во Швајцарија.
„Украина никогаш нема да биде пречка за мир – ова е наш принцип, а милиони Украинци очекуваат и заслужуваат пристоен мир. Подготвени сме да работиме што е можно побрзо. Гледаме кои интереси се испреплетени и кој се обидува многу напорно да ја ослабне нашата позиција – позицијата на Украина, да шири дезинформации, да го заплашува нашиот народ. Се спротивставуваме на секој таков обид да се уништи крајот на војната. Конструктивната работа со партнерите е важна за нас“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Белата Куќа негира дека планот на Трамп бил направен во полза на Москва. Вашингтон уверува дека разговорите се одвиваат со двете страни веќе 10 месеци и притисокот врз Путин и Зеленски ќе продолжи.
„Идејата дека САД не се ангажираат подеднакво со двете страни во оваа војна за да ја завршат е тотална заблуда. Доаѓа од луѓе кои немаат поим за што зборуваат или луѓе кои ја туркаат својата агенда или можеби не сакаат оваа војна да заврши, а можеби и профитираат од тоа. Но, никој во оваа зграда нема корист од војната“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Конечните одлуки за најчувствителните прашања ќе ги донесат претседателите Зеленски и Трамп подоцна оваа недела, објавија светските агенции. Претходно од Кремљ го оценија европскиот контрапредлог на американскиот мировен план за Украина како целосно неконструктивен.
Маријана Димовска
