БЛИСКИ ИСТОК

Првата фаза од прекинот на огнот во Газа мора целосно да се спроведе, заклучок од СБ на ОН

25.11.2025 12:44

Целосно спроведување на првата фаза од прекинот на огнот во Газа, итно да се постигне договор за следните фази – заклучок од Советот за безбедност на Обединетите нации. Израел повика Хамас да се разоружа, Палестина со обвинувања дека Тел Авив го крши примирјето...

Првата фаза од прекинот на огнот во Газа мора целосно да се спроведе, а страните итно да постигнат договор за следните чекори, заклучок од Советот за безбедност на Обединетите Нации. Израелскиот амбасадор го повика Хамас да се разоружа, палестинскиот со обвинувања дека Тел Авив го крши примирјето.

„Примирјето не може да преживее додека терористичка организација го задржува своето оружје. Планот не може да се одржи додека едната страна одбива да ја исполни дури и својата најосновна обврска. Хамас мора да се разоружа“, изјави Дени Данон, постојан претставник на Израел во ООН.

„Прекинот на огнот мора да се почитува и спроведува во целост. Ништо не може да оправда дека 1000 Палестинци се убиени или повредени од почетокот на прекинот на огнот. Ништо не може да го оправда тоа што секој ден, две палестински деца се убиени од Израел“, изјави Ријад Мансур, постојан набљудувач на Палестина во ООН.

Според планот за прекинот на огнот што почна на 10 октомври, израелските сили се повлекоа од некои области од Газа. Израелската војска објави дека изминатиот период дејствува во Рафах и ги демонтира тунелите и ги елиминира милитантите. САД побара земјите-членки кои се подготвени да дејствуваат преку Одборот за мир да обезбедат персонал, опрема и средства за Меѓународните сили за стабилизација.

„САД остануваат непоколебливи во посветеноста на безбедноста на Израел и демилитаризацијата на Газа. Неодамнешните напади од страна на Израелските одбранбени сили врз цели на Хамас беа одговор на кршењето на прекинот на огнот од страна на оперативците на Хамас. САД ги признаваат легитимните безбедносни загрижености на Израел“, изјави Џенифер Лочета, заменик-претставник на САД во ООН.

Израелските власти велат дека операциите во Либан изминатиот период не претставуваат кршење на суверенитетот на соседот.

„Додека Хезболах е најсилната воена сила во Либан, Израел е небезбеден, а Либан нема иднина. Додека Хезболах не е разоружан, Либан ќе остане де факто под иранска окупација“, изјави Гидеон Саар, министер за надворешни работи на Израел.

Премиерот Нетанјаху велид ета ќе продолжат нападите на неколку фронтови и ќе реагираат се дур не бидат искоренети сите закани за Израел од терористичките групи во регионот.

 

Катерина Бојаџиева