Свет

Макрон: Мировниот план за Украина оди во вистинската насока

25.11.2025 15:23

Жртви и повредени во ноќните руски напади врз Киев и други украински региони. Оштетена е енергетска инфраструктура. И Русија нотира удари со беспилотни летала на југот од земјата. Воените дејствија продолжија и дебатата за американскиот мировен предлог. Од Белата куќа велат дека планот не е направен во корист на Москва и подеднакво прават притисок и врз Путин и врз Зеленски. Францускиот претседател Макрон вели дека мировниот план за Украина, посредуван од САД, оди во вистинската насока …

Во екот на дебатата за крај на војната, жестоки напади врз Киев и повеќе украински градови. Има жртви и повредени, оштетена енергетската инфраструктура. И Русија нотира удари со беспилотни летала на југот. Претходно, украинските сили соопштија дека успеале да ги потиснат руските трупи од централниот дел на Покровск, град каде што во последните недели се водеа најжестоките борби на источниот фронт.

„Лежев во креветот кога се случи силната експлозија и стаклото падна врз мене. Не верувам во мировниот план, никој никогаш нема да направи ништо во врска со тоа. Путин нема да запре додека не заврши.“

„Тие пишуваат едно, но прават по свое. Војната нема да престане. Ми се чини така. Никакви преговори нема да успеат“-сведочат жители на Киев.

Украинскиот претседател предупреди за тешки денови и покрај тековните преговори. Зеленски вели дека од предложениот план со САД ниту едно украинско барање не останало нерешено. Првичните 28 точки од планот биле сведени на 19 по разговорите во Швајцарија.

„Украина никогаш нема да биде пречка за мир – ова е наш принцип, а милиони Украинци очекуваат и заслужуваат пристоен мир. Подготвени сме да работиме што е можно побрзо. Се спротивставуваме на секој таков обид да се уништи крајот на војната. Конструктивната работа со партнерите е важна за нас“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Францускиот претседател Макрон вели дека мировниот план за Украина, посредуван од САД, оди во вистинската насока.

„Планот предложен од Соединетите Американски Држави е, пред сè, чекор во вистинската насока кон мирот. Овој план има елементи кои заслужуваат да се дискутираат, преговараат и подобруваат. Затоа велиме дека мора да имаме робусни безбедносни гаранции за Украина и за нас Европејците. Првата од безбедносните гаранции е регенерација на украинската армија“, нагласи Емануел Макрон, претседател на САД.

Претходно од Кремљ го оценија европскиот контрапредлог на американскиот мировен план за Украина како целосно неконструктивен.

„Досега не сме ја добиле од нашите американски колеги верзијата за која се шпекулира во медиумите. Имаме канали за комуникација со нашите американски колеги, тие се вклучени и од нив очекуваме верзија што ја сметаат за средна во однос на завршувањето на фазата на координација на овој текст со Европејците и со Украинците“, рече Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Белата Куќа негира дека планот на Трамп бил направен во полза на Москва. Вашингтон уверува дека разговорите се одвиваат со двете страни веќе 10 месеци и притисокот врз Путин и Зеленски ќе продолжи. Конечните одлуки за најчувствителните прашања ќе ги донесат претседателите Зеленски и Трамп подоцна оваа недела, објавија светските агенции.

Маријана Димовска