Мицкоски: Донесени се низа законски решенија за исполнување на реформската агенда усогласена со ЕУ
Премиерот Мицкоски уверен дека до крајот на годинава ќе успеат да комплетираат уште 10 чекори од реформската агенда. Очекува да се донесе Законот за енергетика, но не и да се либерализира пазарот за домаќинствата, оти граѓаните ќе добиваат повисоки сметки за струја. Вработувањата во правосудството нема да зависат од владата...

Низа законски решенија се донесени или се доуредуваат, а се дел од реформската агенда која е усогласена со евро-партнерите. Додека се чекаат подзаконските акти за Законот за енергетика, за многу скоро време, вели премиерот Христијан Мицкоски, ќе се знае цената на струјата што ќе ја понуди ЕСМ на годишниот тендер.
Владата прифаќа во законите за јавното обвинителство и за судството да не зависат унапредувањата и вработувањата од мислењето на „Илинденска“. Во однос на обвинителскиот и судскиот буџет, тој, вели Мицкоски, ќе биде повисок од средниот кој го имаат земјите членки, а го направиле со Советот на Европа. Реформскиот план опфаќа и реновирање на енергетско ефикасни згради, регистар на акционерски друштва, либерализација на железничкиот сообраќај.
На неодамна одржаниот самит на земјите од Западен Балкан, лидерите порачаа дека зацртаното во однос на реформите го остваруваат и дека не молат, туку заслужуваат да се дел од Европската унија.
Миле А. Ристески
