Србија ѝ даде рок од 50 дена на Русија да најде нов сопственик на НИС
Ако Русите не го продадат НИС за 50 дена, ќе воведеме принудна администрација – најави Вучиќ. Српската рафинерија во Панчево пред затворање …

Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека рафинерија на Нафтената индустрија на Србија (НИС) има уште четири дена до нејзино целосно запирање на работата, поради американските санкции кон руската сопственост во НИС, освен ако ОФАК не ја одобри лиценцата.
„Сакаме да ве информираме дека рафинеријата НИС е во технолошки процес, таканаречен топла циркулација, во еден вид тивка работа. Сè уште не е згасната, но тоа веќе е понизок режим на работа од вообичаениот. Што значи ова? Дека имаме уште 4 дена до целосно згаснување на работата на рафинеријата доколку лиценцата не биде одобрена од американскиот ОФАК, односно од владата на САД“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Р. Србија.
Тој предупреди дека последиците од прекинувањето на НИС се првенствено секундарни санкции и потсети дека НБС добила предупредување, како и сите комерцијални банки кои соработуваат со НИС, дека може да станат предмет на санкции, што значи дека може да имаат целосно прекинување на платните трансакции и услуги за населението и на функционирањето на платните картички.
Вучиќ кажа дека на руската страна ѝ дал 50 дена да најде купувач, по што нема да има избор, но нема веднаш да го национализира НИС, туку ќе воведе сопствено управување и ќе понуди највисока можна цена.
Од Владата порачаа дека „економијата и граѓаните немаат причина за грижа“ со оглед на тоа што, како што наведуваат, во Србија има доволно од сите нафтени деривати.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
