Љутков: Тендерот за изведувач на Универзална сала не помина, следната недела ќе се распише нов
Тендерот за изведувач на Универзална сала не помина, следната недела ќе се распише нов - изјави министерот за култура и туризам, Љутков. Според него проблемот не е суштински, со ова постапката би се одолговлекувала не повеќе од 2 месеци...

Не помина тендерот за изградба на Универзална сала, има жалба во однос на изведувачот. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков вакво известување добил од Комисијата за жалби. Најавува дека наредната недела ќе се повтори тендерот, очекува до средината на јануари 2026-та година да го имаат новиот изведувач на Универзална.
Во театарот „Комедија“ е реконструирано гледалиштето со финансиска помош од амбасадата на Полска од околу 32 илјади евра и 84 илјади евра од Министерството за култура.
„Полската амбасада учествува во многу проекти ширум светот вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан. Ова е пример за одлично партнерство помеѓу Полска и Македонија и многу сум задоволен од резултатите. За прв пат посетителите ќе седнат во реконструираната сала на петочната премиера“, изјави Мариуш Бримора-амбасадор на Полска.
Театарот ќе продолжи да работи според редовниот репертоар за ноември, а сите претстави ќе се изведуваат на малата сцена. Реконструкцијата опфаќа и поставување на нови столчиња и нов под. Турскиот ансамбл кој сцената во театар „Комедија“ ја дели со своите колеги до крајот на 2026 или почетокот на 2027 година ќе се преселат во нов објект после цела деценија, изјави министерот Љутков.
Александра Спировска
