Во судницата во затворот „Идризово“ второ рочиште за случајот „Пулс“
Во големата судница во „Идризово“, ново рочиште за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Иако се очекуваше, обвинетите не се произнесоа дали чувствуваат вина. Причината е што не го добиле интегрираното обвинение со доказите за дадат воведни зборови, a адвокатите го предупредија судот дека тие не се курири. Семејствата на жртвите бараат правда и предупредија да не се одолговлекува процесот. Наместо утре, судењето продолжува на 2-ри декември...

Една недела ќе имаат обвинетите да се запознаат со доказите и интегрираното обвинение пред да се изјаснат дали се чувствуваат виновни за несреќата во која загинаа 63 луѓе. Дел од бранителите кои веќе ги виделе документите – со став, не сме курирска служба на судот и побараа по службена должност на нивните клиенти да им се врачи обвинението. Дел реагираа и дека не станува збор за технички корекции на јавната тужба, туку е сменето времето на дејствие и изменети се докази, па го отворија прашањето, дали е потребно обвинението повторно да оди на оценка.
Судот пресече – во обвинението нема нови инкриминирачки дејствија, ниту нови обвинети и оштетени и како такво ќе биде доставено до обвинетите. Семејствата разочарани од одложувањето на главната расправа, но со верба дека правда ќе има.
Процесот продолжи со разгледување на побарувањата за надомест на штета.
Рочиштето продолжува на 2-ри декември.
Анита Димитријевска – Велковска
