Дел од екипата на „До Балчак“ на суд ги бара неисплатените хонорари
Филмот на Столе Попов „До Балчак“ пред премиерата заврши на суд. Дел од екипата ги бара неисплатените хонорари...

Долговите направени за филмот „До Балчак“ поради седум неделното дополнително снимање и неисплаќањето на хонорарите, дел од екипата на филмот ги бара на суд. Агенцијата за филм, категоричен е директорот Дарко Башески, не може да даде дополнителни средства бидејќи филмот добил 2,5 милиони евра, а за да се заврши постпродукцијата, со банкарска гаранција со меница, на копродуцентот му беа доделени уште 30 милиони денари. Решението сепак ќе се бара на кино- благајните.
„Договоривме сите пари коишто ќе се заработат да се исплатата на сметката на продуцентот, а сите оние коишто тужеле и добиле и во моментов ја блокираат жиро сметката на продуцентот ќе можат да си ги наплатат своите средства. Колку ќе заработи филмот и како ќе заработи, никој не знае, како што и не знаеме колкави се вкупните долгови, кој тужи, кој има или нема право тоа да го направи“, вели деректорот на Агенцијата за филм.
Субјективни пречки, постпродукциски, но и реални поради жешкото лето проблеми, според режисерот Столе Попов направиле „До Балчак“ да го пробие терминот за снимање за седум недели и зад себе да го носи багажот на дел неисплатена екипа и судски процеси за да си ги исплатат парите за дополнителната работа на филмот.
„Точно е тоа дека имаше извесни проблеми за време на снимање на филмот, имаше и недоволно промислени организациски зафати“, потврди режисерот Попов.
„До Балчак“ доби три милиони евра државни пари. Филмот ќе ја има својата премиера на Фестивалот „Браќа Манаки“. Во октомври по скопската премиера ќе влезе во редовната кино-програма низ Македонија.
Елизабета Мемиќ
