500 нови пациенти со рак на простата
Лани откриени нови 500 пациенти со рак на простата. Загрижувачките бројки за најчестото малигно заболување кај мажите. Недостасуваат скрининг програми, а и мажите го одложуваат одењето на лекар. Докторите препорачуваат во петата деценија да се почне со скрининг.

Карциномот на простата и натаму е најчестото малигно заболување кај мажите. Лани откриени нови 500 пациенти, меѓу нив и на 40 годишна возраст, и покрај загрижувачките бројки во државата, недостасуваат скрининг програми, а и мажите ги игнорираат симптомите и доцна се јавуваат на лекар.
„Мажите ги игнорираат симптомите, го одложуваат одењето на лекар и статистиката покажува дека тие 6 до 8 пати подоцна се јавуваат на лекар од жените“, изјави Ана Марјановиќ – „ХЕМА – ОНКО“.
„Се препорачува во петата деценија да се почне со скрининг. Секоја година се зголемуваат бројот на новодијагностирани пациенти, имаме од 30 до 40 нови пациенти со канцер на простата“, изјави проф. д-р Игор Стојковски – директор на Клиниката за онкологија.
Доколку карциномот на простата навреме се открие може да се излекува. Лекарите препорачуваат да се прават прегледи барем еднаш годишно.
„Сите наши сограѓани под 65 години, од 45 до 55 години е најкритичната група, ги повикувам да остварат правото на скрининг“, изјави д-р Спасе Јанев – Здравствен дом „Железничар“.
Здруженијата го вперија прстот во државата дека не обрнува доволно внимание на пушењето кое е една од водечките причини за појавата на карциномот. Не треба да се игнорира ниту аерозагадувањето.
Андријана Ѓурческа
