Голема полициска акција во БиХ - се апсеа вахабисти

03.09.2014 16:34

16 лица осомничени за поврзаност со радикални терористички организации се уапсени во голема полициска акција во Босна и Херцеговина...

Во акцијата именувана како сириската престолнина, “Дамаск” учествуваат близу 200 припадници на босанските специјални и полициски единици кои што вршат претрес на 17 локации ширум државата. 

„Обвинителството им се заблагодарува на сите полициски агенции што учествуваа во овие активности. Беше остварена соработка со разузнавачката безбедносна агенција СИПА, со федералната полициска управа и со кантоналното министерство за внатрешни.  Се работи за истрага насочена кон откривање и казнено процесирање на лица осомничени за тероризам. Во рамките на истрагата е остварена значителна меѓународна соработка. Обвинителството на Босна и Херцеговина и полициските агенции ги следат и ќе ги следат активностите на организациите и поединците коишто може да се поврзат со тероризмот и со терористичките активности“, рече Борис Грубешиќ, портпарол на обвинителството на БиХ.

Уапсените Босанци се сомничат за финансирање и јавно поттикнување на терористички активности како и врбување и органзирање на нови членови во теророристички групи за учество во војните во Ирак и Сирија на страната на радикалните терористи.  Во акцијата уапсен е и Халил Билал Босниќ, неформален водач на вахабистите во Босанска краина, познат по своите анти американски и анти западни говори.

Ова е прва рација откако во месец април беше сменет кривичниот законик и се воведе затворска казна до 10 години за босанските граѓани што се борат или регрутираат борци во странски воени или паравоени формации.  Во слична акција спроведена од косовските власти пак, неодамна беа уапсени 40 лица поврзани со радикалните исламисти од Сирија и Ирак.

Марија Котовска