воен конфликт

Се финализира мировниот план за Украина

26.11.2025 08:24

Трамп го испраќа Виткоф кај Путин во Москва, додека секретарот на Армијата Дрискол ќе се сретне со Украинската страна во исто време. Шефот на Белата куќа оптимист дека ќе биде постигнат мировен договор...

Се финализира мировниот план за Украина. Трамп го испраќа Виткоф кај Путин во Москва, додека секретарот на Армијата Дрискол ќе се сретне со Украинската страна во исто време. Шефот на Белата куќа оптимист дека ќе биде постигнат мировен договор.

„Водиме добри разговори. Започнавме со Русија. Водиме неколку разговори. Украина добро се справува. Мислам дека се доста задоволни од тоа. Решивме осум војни и мислев дека оваа ќе биде една од полесните поради мојот однос со претседателот Путин, но оваа е веројатно една од потешките. Има многу омраза. Тие преговараат, се обидуваат да го остварат тоа. Не можете да имате граница што поминува низ автопат или граница што поминува низ средината на градот. Тоа не функционира. Ова е долг, комплициран процес и многу, многу тажен затоа што толку многу луѓе се убиени“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Украинскиот претседател вели дека е подготвен да се сретне со американскиот колега Трамп и да разговара за „чувствителните точки“ од планот за мир.

„Украина ја има рамката развиена од нашите тимови во Женева. Таа рамка е на маса и ние сме подготвени да продолжиме напред заедно – со САД, со личен ангажман на претседателот Трамп и со Европа и со сите партнери кои имаат сила и капацитет да помогнат. Јас сум подготвен да се сретнам со претседателот Трамп – има чувствителни точки за дискусија, сè уште сметаме дека присуството на европските лидери би можело да биде корисно“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Преку видео врска, пред членовите на Коалицијата на подготвените, Зеленски повика на зајакнување на воздушната одбрана на линијата на фронтот, задржување на санкциите против Русија и релевантен Меморандум за разбирање со силите што би ја гарантирале безбедноста при евентуален мировен договор.