Договор за крај на војната во Украина, но без краен рок
Нема краен рок кога Украина и Русија треба да постигнат договор за крај на војната, се финализира мировниот план, уверува американскиот претседател. Трамп објави дека го испраќа специјалниот пратеник Виткоф кај Путин во Москва, додека секретарот на армијата Дрискол ќе се сретне со Украинската страна во исто време…

Нема краен рок кога Украина и Русија треба да постигнат договор за крај на војната, се финализира мировниот план, уверува американскиот претседател. Трамп објави дека го испраќа специјалниот пратеник Виткоф кај Путин во Москва, додека секретарот на армијата Дрискол ќе се сретне со Украинската страна во исто време.
„Решивме осум војни и мислев дека оваа ќе биде една од полесните поради мојот однос со претседателот Путин, но оваа е веројатно една од потешките. Има многу омраза. Тие преговараат, се обидуваат да го остварат тоа. Не можете да имате граница што поминува низ автопат или граница што поминува низ средината на градот. Тоа не функционира. Ова е долг, комплициран процес и многу, многу тажен затоа што толку многу луѓе се убиени“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Од преговарачкиот тим на Киев велат дека нивото и карактерот на безбедносните гаранции всушност ќе ја дефинираат одржливоста на договорот. Зеленски изрази подготвеност да се сретне со Трамп и да разговара за „чувствителните точки“ од планот за мир.
„Украина ја има рамката развиена од нашите тимови во Женева. Таа рамка е на маса и ние сме подготвени да продолжиме напред заедно, со САД, со личен ангажман на претседателот Трамп и со Европа и со сите партнери кои имаат сила и капацитет да помогнат. Јас сум подготвен да се сретнам со претседателот Трамп – има чувствителни точки за дискусија, сè уште сметаме дека присуството на европските лидери би можело да биде корисно“, истакна украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Од членовите на Коалицијата на подготвените, украинскиот претседател побара зајакнување на воздушната одбрана, задржување на санкциите против Русија и Меморандум за разбирање со силите што би ја гарантирале безбедноста при евентуален мировен договор. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побара САД да продолжат со силен притисок за Москва преку санкции и дипломатски средства.
„Бидејќи притисокот останува единствениот јазик на кој Русија реагира, ние ќе продолжиме да го зголемуваме сè додека не се појави вистинска подготвеност за ангажирање на кредибилен пат кон мир“, објави претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен.
Русија изминатите денови ги интензивираше нападите врз Киев и други градови. Ракети и беспилотни летала ги нарушија молдавскиот и романскиот воздушен простор.
„Еден од дроновите падна во одредена локација. Ги повикувам граѓаните да не ги допираат дроновите, ако ги видат во воздух или на земја, да се држат подалеку од нив, да не ги допираат. Треба веднаш да се јават во полиција или во службата за итни случаи“, рече Даниела Мисаил Ничитин, министерка за внатрешни работи на Молдавија.
Најновиот мировен план за Украина е тема и на денешниот онлајн неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Маријана Димовска
