Демонстрации за поддршка на Мадуро
Маршот следува во услови на зголемени тензии со САД. Венецуела ги обвини за планирање воен напад со цел да се промени режимот во јужноамериканската нација...

Поддржувачите на венецуелската влада излегоа на улиците на југозападен Каракас во поддршка на претседателот Николас Мадуро и за да ги одбележат борбите за независност од 19 век. Маршот следува во услови на зголемени тензии со САД. Венецуела ги обвини за планирање воен напад со цел да се промени режимот во јужноамериканската нација.
„Мора да бидеме способни да го одбраниме секој сантиметар од оваа благословена земја од каква било империјалистичка закана или агресија, од каде и да доаѓа и кога и да доаѓа“, изјави Николас Мадуро, претседател на Венецуела.
Од септември, американските воени сили спроведуваат напади врз бродови осомничени за трговија со дрога во меѓународните води на Карибите и Тихиот Океан, вклучувајќи неколку бродови кои, според Вашингтон, отпловиле од Венецуела. Најмалку 80 лица загинаа. Администрацијата на Трамп соопшти дека поморското распоредување има за цел борба против заканите од латиноамериканските нарко-картели.
