Култура

Во македонскиот КИЦ во Белград отворена изложбата „Откритија“

26.11.2025 10:40

Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград синоќа е отворена изложбата „Откритија“ – прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници, чии дела се наоѓаат во приватни белградски колекции...

Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград синоќа е отворена изложбата „Откритија“ – прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници, чии дела се наоѓаат во приватни белградски колекции.

Директорот на КИЦ во Белград Васко Шутаров вели дека со оваа изложба се почнува поголем циклус, како еден репрезентативен пресек на македонската ликовна уметност што се наоѓа во белградските приватни колекции.

„Доаѓајќи на мисија во Белград ја носев таа искра и сознание дека во белградските приватни колекции се наоѓаат ремек дела од македонската ликовна уметност. Тоа се мостовите што се градат меѓу двата блиски народа – српскиот и македонскиот и двете култури. Тој репрезентативен пресек почнува вечерва со 14 дела кои се во најголем дел од основоположниците на македонската ликовна уметност – Димитар Андонов Папрадишки, дела од Лазар Личеноски стари еден век, Чемерски, Коџоман, Владимир Ѓеоргиевски, Петар Мазев.

Шутаров исклучително му заблагодари за сесрдната поддршка на Игор Станковиќ, „кој е роден скопјанец, голем пријател на македонското и српското пријателство за довербата овие дела на ликовната уметност да бидат изложени во КИЦ во Белград“.

Тој најави и дека голем дел на експертската и ликовна јавност од Македонија се најавиле дека со организирани тури ќе дојдат во Белград да ги видат овие дела кои долго време биле скриени од јавноста и немало друга можност оваа приватна колекција да биде изложена пред публика.

Изложбата ќе биде отворена до 29-ти ноември.