Се финализира мировниот план за Украина, Зеленски подготвен да разговара со Трамп
Се финализира мировниот план за Украина, преговарачи од САД патуваат во Киев и Москва. Во Украина велат дека нивото и карактерот на безбедносните гаранции всушност ќе ја дефинираат одржливоста на договорот. Европската унија загрижена за територијалниот интегритет и суверенитет на земјата и безбедноста на Европа на долг рок. Во меѓувреме, нападите продолжија врз енергетската инфраструктура...

Нема краен рок кога Украина и Русија треба да постигнат договор за крај на војната, се финализира мировниот план, уверува американскиот претседател. Трамп објави дека го испраќа специјалниот пратеник Виткоф кај Путин во Москва, додека секретарот на Армијата Дрискол ќе се сретне со Украинската страна во исто време.
„Решивме осум војни и мислев дека оваа ќе биде една од полесните поради мојот однос со претседателот Путин, но оваа е веројатно една од потешките. Има многу омраза. Тие преговараат, се обидуваат да го остварат тоа. Не можете да имате граница што поминува низ автопат или граница што поминува низ средината на градот. Тоа не функционира. Ова е долг, комплициран процес и многу, многу тажен затоа што толку многу луѓе се убиени“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Во меѓувреме, протече транскрипт во кој, специјалниот пратеник Виткоф, уште изминатиот месец му кажал на висок функционер на Кремљ оти за мир во Украина, Русија ќе ја преземе контролата врз Донецк и ќе биде на маса посебна територијална размена. Од Москва со став, некој прислушкувал, но тоа не е Русија.
„Во врска со Виткоф. Можам да кажам дека е постигнат прелиминарен договор дека тој ќе дојде во Москва следната недела. Заедно со голем број претставници на американската администрација кои се вклучени во украинските работи“, изјави Во Јуриј Ушаков, советник на Кремљ за надворешни работи.
Од преговарачкиот тим на Киев велат дека нивото и карактерот на безбедносните гаранции всушност ќе ја дефинираат одржливоста на договорот. Зеленски изрази подготвеност да се сретне со Трамп и да разговара за чувствителните точки од планот за мир.
„Украина ја има рамката развиена од нашите тимови во Женева. Таа рамка е на маса и ние сме подготвени да продолжиме напред заедно – со САД, со личен ангажман на претседателот Трамп и со Европа и со сите партнери кои имаат сила и капацитет да помогнат“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Секое решение што ја принудува Украина да изгуби територија или да прифати ограничувања на нејзината војска би го загрозиле и суверенитетот на Украина и долгорочната безбедност на Европа, став на ЕУ.
„Треба да бидеме јасни дека не може да има еднострано разделување на суверена европска нација и дека границите не можат да се менуваат со сила. Суверенитетот исто така значи можност да ја изберете сопствената иднина. Иднината на Европа е поврзана со иднината на Украина и ние ќе направиме се што можеме за да го оствариме тоа заедно“, изјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.
Русија изминатите денови ги интензивираше нападите врз Киев и други градови. Ракети и беспилотни летала ги нарушија молдавскиот и романскиот воздушен простор.
Маријана Димовска
