Глобален извештај за конкурентноста

Македонија ја подобри конкурентноста за 10 места

03.09.2014 16:46

Споредбата со регионот покажува дека Македонија е подобро рангирана од: Црна Гора, Словенија, Хрватска, Грција, Србија и Албанија кои се наоѓаат меѓу 67 и 97 место...

Македонија влезе меѓу најконкурентните економии во регионот. Во најновиот извештај на Светскиот економски форум, земјава е на 63-то место на листата на која има 144 земји. Ова е напредок за  10 позиции во однос на лани или за две години, скок за 17 места.

„За првпат Македонија забележува подобрување кај сите 12 столбови што го сочинуваат индексот на глобална конкурентност, при што најевидентно е подобрувањето кај финансиските пазари каде што имаме скок од 21 позиција, кај иновациите каде имаме подобрување за 18 и во работата на институциите каде  имаме подобрување за 15 позиции, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Споредбата со регионот покажува дека Македонија е подобро рангирана од: Црна Гора, Словенија, Хрватска, Грција, Србија и Албанија кои се наоѓаат меѓу 67 и 97 место.

Светскиот економски форум ги скенира земјите врз основа на повеќе параметри,  развиеноста на  инфраструктурата, ефикасноста на институциите, здравството и образованието, макроекономското окружување, ефикасноста на пазарот на работна сила, развиеноста на финансискиот пазар, иновациите и технолошкиот развој, а во предвид се зема и големината на пазарот.

Во светски рамки Швајцарија веќе 6 години е најконкурентната економија на глобално ниво,а втор е Сингапур. Меѓу првите 10 земји има вкупно 6 европски, Финска е четврта, а Германија шеста. Следуваат Холандија, В.Британија и Шведска.

„Се надеваме дека овој извештај ќе го користат сите засегнати  страни за да ги идентификуваат сите конкурентни предности и да градат силна економска агенда“, вели Маргарита Џениек Хануз- Светски економски форум.

Извештајот за глобална конкурентност се изготвува секоја година.

 

Свето Николовски