Суштински реформи на патот кон ЕУ
„Државата губи време поради недостиг од политичка волја за суштински реформи“ – Венко Филипче од позиција на претседателот на Националниот совет за европска интеграција. Според него, неопходен е широк политички консензус за спроведување на реформите и на уставните измени, а Собранието е единственото место каде што треба да се постигне договор за европската иднина на земјата...

Претседателот на Националниот совет за европска интеграција, Венко Филипче, предупреди дека државата губи време поради недостиг од политичка волја за суштински реформи.
Јасно кажува извештајот на ЕУ, реформи нема, го губиме времето. Ова е еден од најлошите извештаи кои државата ги добила, рече Филипче, нагласувајќи дека нема напредок во клучни области како правосудството, борбата против корупцијата и медиумските реформи. Филипче додаде дека е неопходен широк политички консензус за спроведување на реформите и уставните измени, бидејќи, како што рече, Собранието е единственото место каде што треба да се постигне договор за европската иднина на земјата.
Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања Игор Здравковски, истакна дека Националната конвенција е клучен форум за инклузивна јавна дебата, каде се вклучени Владата, Парламентот, граѓанското општество и Академијата.
Ниту едно билатерално прашање не смее да биде пречка за напредокот кон ЕУ, додавајќи дека примерите на Албанија и Црна Гора покажуваат дека процесот е реален и достижен. Порача претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Амбасадорките од Холандија и Словачка посочија на неопходност од реформите, но потсетија дека земјава треба да ги усвои уставните измени за да може да се отвораат поглавјата за пристапните преговори за членство во ЕУ.
Националната конвенција се одржа во Собранието на која се дискутираше за регионалните предизвици на патот кон Европската унија, со учество на пратеници, амбасадори, експерти од правосудството и академски претставници од соседството.
Игор Панов
