Странски инвеститори заинтересирани за новата индустриска зона во Охрид
Две компании од земји членки на Европската унија со својот партнер во Охрид ја разгледуваат можноста за инвестирање во новата индустриска зона која што ќе биде отворена во овој град. Менаџерите на трите компании ќе се состанат наредниот викенд во Охрид за да ги увидат поволностите кои им се нудат по што се очекува да ја донесат конечната одлука околу изградба на производствен прогон.

Охридската фабрика за производство на камини и котли на пелети „Евергрин Енерџи“ со две компании,нивни партнери од земји членки на ЕУ се заинтересирани да инвестираат во новата охридска индустриска зона „Мауцкер“. Со странските партнери ќе се разговара овој викенд во Охрид, при што ќе им бидат презентирани сите услови кои ги нудат локалната и централната власт, по што се очекува дека тие ќе влезат во заедничка инвестиција.
„Покрај тоа што продаваме на Балканот овозможено ни е да продаваме и во земјите на ЕУ,зборувам за сите земји на ЕУ.Сето тоа е овозможено со квалитетот на производите и поради тоа што нашите производи се сертифицирани“, рече Јован Јовановски, косопственик на „Евергрин Енерџи“.
При денешната посета на овој производствен капацитет охридскиот градоначалник вети дека локалната самоуправа ќе обезбеди инфраструктурни погодности за оваа компанија која извезува еколошки производи во над 20 европски држави„.
„Подршката која што локалната самоуправа во Охрид може да ја даде на оваа успешна компанија е со цел да го помогнеме локалниот економски раст и од друга страна да обезбедиме можности за успешно работење на фирмата која што би го зголемила производството,со што ќе се обезбедат нови работни места“, рече Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
Охридската локална самоуправа е силно посветена на завршување на проектната документација за изградба на слободната индустриска зона „Мауцкер“, а досега покрај оваа фабрика интерес за изградба на производствени капацитети пројавиле уште неколку охридски компании.
Сашо Нелоски
