Свет

Уапсени три лица по пожарот во Хонгконг, бројот на жртви продолжува да расте

27.11.2025 10:26

Над 50 жртви по смртоносниот пожар во Хонгконг. Десетици повредени и натаму се критично. Сè уште се трага по 280 луѓе. Спасувачите на терен, огнот постепено се става под контрола. Уапсени се три лица под сомнение за убиство од небрежност. Полицијата се сомнева дека материјалите за поправка придонеле за брзо ширење на огнот, истрагата е во тек…

Расте бројот на жртви по смртоносниот пожар што го зафати станбениот комплекс во кинеската приградска населба Тај По во Хонгконг, додека десетици повредени и натаму се критично, а речиси 280 луѓе се водат за исчезнати. Пожарот е ставен под контрола, но целосната локализација би можела да трае цел ден. Спасувачките напори се во тек.

„Температурата на местото на пожарот е сè уште многу висока, имаме тешкотии да продолжиме кон горните катови на две од зградитеОчекуваме нашата операција да трае барем до вечерта“, изјави Дерек Армстронг Чан, заменик-директор на операции на противпожарните служби.

„Што се однесува до жртвите во инцидентот, многумина страдаат од одреден степен на изгореницикако и од вдишување на чад“, вели Чу Винг-јин, помошник-шеф на брзата помош.

Комплексот бил во фаза на реновирање кога пожарот избувнал. Причината сè уште се истражува, но полицијата се сомнева дека материјалите за поправка придонеле за брзо ширење на огнот. Уапсени се три лица под сомнение за убиство од небрежност-двајца директори на градежна фирма и еден инженерски консултант.

„Во една од зградите што не е зафатена од пожарот, пронајдовме стиропор инсталиран надвор од прозорецот на секој кат во близина на лифтотОвој материјал е лесно запалив и потенцијално би можел да ја зголеми брзината на пожарот. Се сомневаме дека токму тоа е можеби една од причините зошто се прошири толку брзо“, изјави Ајлин Чунг, виш началник на полициските сили на Хонгконг.

Градот ги прекина сите изборни кампањи за да се даде приоритет на спасувачките напори, а околните училишта останаа затворени.

„Ќе пружиме секаква можна поддршкаБлагодарение на неуморните пожарникари, ситуацијата е ставена под контролаНајважниот приоритет сега е целосно да се локализира и да се спасат заробените жители. Втората задача е да се лекуваат ранетите, третата е да се справиме со последиците, а потоа ќе спроведеме сеопфатна истрага“, изјави Џон Ли Ка-Чиу, извршен директор на Хонгконг.

Околу 900 жители погодени од трагедијата се привремено евакуирани во засолништа. Велат дека несреќата можела да се спречи.

„Бев излезен кога добив повик од моето семејство и веднаш се вратив. Слушнав од другите жители дека противпожарниот аларм не работел“, изјави Јаван Леунг, жител во Тај По, Хонгконг.

„Мојата сопруга е сè уште во станотКога избувна пожарот, ѝ реков по телефон да бега. Но, ходникот и скалите веќе биле исполнети со чад и немала избор освен да се врати во станот“, изјави Лоренс Ли, жител во Тај По, Хонгконг.

Светот изразува жалење. Сочувство пристигна од САД и Велика Британија. Ова е еден од најтешките пожари класифициран како тревога од петто ниво што го погоди градот во изминатите 17 години.

Бојана Крстевски