САД

Напад во Вашингтон, Трамп бара одговорност

27.11.2025 20:08

Авганистанскиот државјанин, обвинет за пукањето врз двајца припадници на Националната гарда во близина до Белата куќа, претходно соработувал со повеќе американски владини агенции, вклучувајќи ја и ЦИА, пренесуваат американски медиуми, ФБИ инцидентот го третира како можен акт на меѓународен тероризам. Американскиот претседател го осуди нападот, нарекувајќи го „монструозен чин на терор“ и порача дека сторителот „ќе ја плати највисоката можна цена“. Службата за државјанство и имиграција на САД го стопираше процесуирањето на сите имиграциски барања, поврзани со авганистански државјани, додека не се спроведе ревизија на безбедносните процедури...

Авганистанскиот државјанин, обвинет за пукањето врз двајца припадници на националната гарда во близина до Белата куќа, претходно соработувал со повеќе американски владини агенции, вклучувајќи ја и ЦИА, пренесуваaт американски медиуми. 29-годишниот Рахманулах Лаканвал влегол во САД веднаш по повлекувањето од Авганистан во 2021 година, како дел од програмата на администрацијата на поранешниот претседател Бајден, „добредојдени сојузници“, наменета за преместување на ранливи Авганистанци и оние кои соработувале со американските сили. Тој поднел барање за азил во 2024 година, а администрацијата на Трамп, наводно, го одобрила барањето во април 2025 година. ФБИ инцидентот го третира како можен акт на меѓународен тероризам. Американскиот претседател го осуди нападот, нарекувајќи го „монструозен чин на терор“ и порача дека сторителот „ќе ја плати највисоката можна цена“.

„Овој гнасен напад беше чин на зло, чин на омраза и на терор. Како претседател на САД, решен сум да се осигурам дека животното кое го изврши ова злосторство ќе ја плати најскапата можна цена. Мора повторно да го испитаме секој странец што влегол во нашата земја од Авганистан под водство на Бајден и мора да преземеме сите потребни мерки за да обезбедиме нивно отстранување“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Двајцата гардисти од западна вирџинија кои беа ранети во пукањето сè уште се во критична состојба. Осомничениот, кој бил застрелан е приведен на самото место и пренесен во болница.

„Бевме преку улица од местото каде што се случи немилиот настан. Слушнавме пукање, па јас и другите луѓе почнавме да трчаме. Мислам дека е ужасно ова што се случи. Сите беа видно вознемирени.“, изјави Мајкл Рајан – жител на Вашингтон.

„Сакам да ги испратам моите мисли и молитви до семејствата на гардистите и до гардистите кои се во критична состојба во локалната болница. Ова е таргетирано пукање, лицето е приведено.“, изјави Муриел Баузер – градоначалничка на Вашингтон.

„Бидејќи ова е напад врз федерален службеник за спроведување на законот, ова ќе се третира на федерално ниво. ФБИ ќе го предводи овој случај со нашите меѓуагенциски партнери, вклучувајќи го Министерството за внатрешна безбедност.“, изјави Кеш Пател – директор на ФБИ.

Службата за државјанство и имиграција на САД го стопираше процесуирањето на сите имиграциски барања, поврзани со авганистански државјани, додека не се спроведе ревизија на безбедносните процедури.

 

Катерина Бојаџиева