Основен суд - Штип

Почна судењето за убиството на турскиот државјанин во Штип

27.11.2025 12:57

Во Основниот суд во Штип денес почна судењето за убиството на турскиот државјанин на осми мај годинава во Штип. Првообвинет е Кадир Кара од Турција за убиство и неовластено држење на оружје, а уште четворица турски државјани на возраст од 22 до 25 години се обвинети за помагање. Доказната постапка е закажана за 19 декември...

Дрско, планирано убиство со умисла, организирано и со логистичка помош на уште четворица е убиството на турскиот државјанин Енес Оздемир од страна на Кадир Кара. Вака се изјасни Обвинителството на денешното прво рочиште каде освен првообвинетиот за убиство, се судат и четворицата обвинети за помагање во убиството.

Настанот се случи на 8-ми мај по 21 часот, во кафуле во центарот на Штип. Обвинителството најави докази кои укажуваат дека убиството е планирано, оружјето е претходно набавено во Скопје, средбата е испланирана и смислен е план за бегство после извршеното дело.

Одбраната, пак, најави докази со кои ќе докаже дека се работи за нужна одбрана и убиство на миг.

Сите обвинети за овој случај се турски државјани, дел од нив се со обвиненија и пресуди за слични дела, односно убиства и нелегално поседување оружје во Турција. Двајца од обвинетите во државата влегле со лажен идентитет.

Славица Величковска