Се крои новата цена на струјата

ЕСМ понуди поскапа струја за 4,84%- на потег е Регулаторна

27.11.2025 17:05

Универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ на тендерот доби само една понуда од ЕСМ. Повисока е од досегашната – 65 наместо 62 евра за мегават час, со покривање на целокупните планирани количини. На потег Регулаторна да го направи есапот …

ЕСМ како единствен понудувач на тендерот на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ понудил цена од 65 евра за мегават час, за 3 евра поскапо од онаа што важи во втората половина на годинава. ЕСМ за в година планира целосно да ги покрие бараните количества струја.

„За периодот јануари-декември 2026, ЕВН Хоум доби само една понуда и тоа од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегават час, за покривање на 100% од вкупно планираните количества. Оваа цена е повисока за 4,84% од претходната која беше добиена на последниот тендер на универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегават час“, соопштуваат од „ЕВН Хоум“.

Новиот тендер е распишан за цела година. Сега на потег е Регулаторната комисија за енергетика да ја направи пресметката.

Владата најавува дека струјата за домаќинствата и во 2026 година ќе остане субвенционирана.

Во крајната пресметка влегува цената по која ЕСМ ја продава струјата на „ЕВН Хоум“, цената на преносниот оператор МЕПСО, на МЕМО, како и цената на „Електродистрибуција“.

Борис Грујоски